„САМСУНГ“ ГО ОДЛОЖИ ЛАНСИРАЊЕТО НА СВОЈОТ СМАРТФОН НА ПРЕКЛОПУВАЊЕ ЗАШТО ЕКРАНОТ СЕ КРШЕЛ

Њујорк, (Би-Би-Си)

„Самсунг“ го одложи издавањето на својот смартфон на преклопување, откако во неколку случаи дошло до кршење на екранот. Компанијата објави дека го одложува лансирањето на „галакси фолд“ со цел „да направи целосна ревизија и да спроведе нови интерни тестови“.

Телефонот требаше да се појави во продажба на 26 април во САД, но претходно им беше даден на тестирање и рецензија на 50-ина новинари, аналитичари и блогери. Неколкумина од нив пријавиле проблеми и недостатоци.

„Самсунг“ објави дека ќе пронајде начини за подобра заштита на екранот и објасни дека надворешната заштитна фолија не треба да се вади, како што направија некои од рецензентите. Новиот датум на лансирањето ќе биде соопштен во наредните недели.

Со цена од 1.980 долари, „галакси фолд“ не ни бил наменет за широка публика, но се очекуваше дека тој би можел да покрене нов бран на смартфон уреди, сегмент кој стагнира веќе подолго време. „Самсунг“ најавуваше дека уредот во својот животен век ќе може да издржи околу 200.000 преклопувања.