ДОКУМЕНТАРЕЦ ЗА ЖАН ПОЛ ГОТЈЕ И ДИСКУСИЈА ЗА МОДАТА И СЕКСУАЛНОСТА НА СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва од 20 часот, во Младински културен центар (МКЦ) во рамките на Скопје филм фестивал ќе се прикаже документарецот „Фрик и шик: Жан Пол Готје“, проследено со дискусија за меѓусебната поврзаност на родовиот идентитет, сексуалноста, модата и перформативноста.

„Модната ревија како перформанс генерално се потпира на театралноста: сцената, шоуто, изведбата и продукцијата треба да бидат на ниво на апсолутно совршенство. Сето ова е опфатено во ‘Модното фрик шоу’ на Жан Пол Готје. Живописниот документарец дава можност да ја истражиме не само модната виртуозност на Готје, туку и флуидноста меѓу темите за квир идентитет, модна екстраваганција и самиот перформанс“, најавуваат од Фестивалот.

Специјална гостинка ќе биде Луиз Валенберг, професорка во Центарот за модни студии при Универзитетот во Стокхолм. Таа е авторка на многу книги и публикации за модата, филмот и за родовиот идентитет.

По дискусијата, ќе биде претставен фестивалот Недела на излозите”, во рамките на кој млади модни дизајнери и архитекти ќе го трансформираат центарот на Скопје во модерна галерија преку преуредување на излозите. Фестивалот е поддржан од амбасадата на Швајцарија.

Од 18 часот, во кино Фросина ќе се прикаже филмот „Ел Пепе, еден возвишен живот“ на Емир Кустурица, а програмата продолжува и во Кинотеката и во кафе-киното „Котур“.