Германската старт ап компанија „Соно моторс“ објави дека планира да го произведува првиот електрично-соларен автомобил на светот во поранешната фабрика на „Сааб“ во шведскиот град Тролхетен.
Во 2016 година, „Соно“ собра повеќе од 600.000 долари преку сајтот „Индигого“ за развој на семеен автомобил, кој дневно би можел да помине 40 километри на соларен погон, а вкупно 250 километри со едно полнење на батеријата.
Наречен „сион“, неговата цена во меѓувреме порасна од планираните 18.000 на 25.500 долари и од компанијата тврдат дека веќе имаат 9.800 нарачки. Тој првично би се продавал само во Европа, со можност да дојде и во САД.
„Сион“ е висок хечбек со големина на „киа соул“ и тој би бил опремен со батерија од 35 киловат часови и покриен со 330 соларни ќелии.
„Соно“ планира да го почне производството на „сион“ во втората половина на 2020, со годишен тираж од 43.000 возила.