„ОДМАЗДНИЦИ: ЗАВРШНИЦА“ ГИ УРНА СИТЕ РЕКОРДИ СО ПРЕМИЕРАТА ОД 1,2 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ

Лос Анџелес, (Си-Ен-Ен)

„Одмаздници: завршница“ го оствари најдоброто отворање во филмската историја, станувајќи прв филм кој заработил милијарда долари во првиот викенд од прикажувањето.

Според податоците што ги објави „Марвел“, „Одмаздници 4“ заработи над 350 милиони долари во Северна Америка, односно 1,2 милијарди на глобално ниво, со што ги урна рекордите што ги држеше неговиот претходник „Војна на бесконечноста“ (257,7 милиони / 640,5 милиони). На филмот, кој почна да се прикажува во средата, прво во Кина и Австралија, му требаа само пет дена за да ја надмине границата од една милијарда долари.

Новиот блокбастер на „Марвел“ со тоа ги надмина и сопствените огромни очекувања, кои се движеа до 300 милиони долари во домашните кина. За да се задоволи големата побарувачка, филмот во исто време почна да се прикажува во најмногу киносали во САД досега.

„Присуствуваме на монументален момент од филмската историја, таков што цел свет истовремено го искусува. Мислам дека долго време нема повторно да видиме вакво нешто“, изјави аналитичарот Шон Робинс.