Тридневниот музички настан со кој требаше да се одбележи 50-годишнината од легендарниот фестивал Вудсток е откажан четири месеци пред неговото одржување, објави главниот финансиер.
Меѓу многубројните имиња кои требаше да настапат се Џеј-Зи, Мајли Сајрус, Роберт Плант, „Имеџин дрегонс“, „Килерс“, „Блек Киз“ и ветерани кои свиреле на оригиналниот Вудсток во 1969 година, како Сантана.
„Фестивалот е откажан бидејќи не можевме да обезбедиме здрава и безбедна средина за учесниците, партнерите и публиката“, изјави главниот спонзор, јапонската рекламна компанија „Денцу аиџис нетворк“.
Од друга страна, организаторот демантира дека фестивалот е откажан и најави дека ќе биде феноменален.
Според извештаите, досега биле потрошени 30 милиони долари на букирање учесници и од „Денцу“ тврдат дека сите обврски од договорот се исполнети.
„Ова беше најразумната одлука за сите вклучени страни“, додаваат тие.