ОРГАН ЗА ПРЕСАДУВАЊЕ ЗА ПРВПАТ ПРЕВЕЗЕН СО ДРОН

Балтимор, (Би-Би-Си)

Бубрег наменет за трансплантација беше превезен со дрон до болница во САД, што е прв таков лет во светот.

За летот бил потребен специјално дизајниран дрон, што ќе биде способен да го набљудува органот. Четириесет и четиригодишната пациентка од Балтимор осум години чекала на трансплантација.

„Сето ова беше многу неверојатно. Пред неколку години, вакво нешто не сме можеле ни да замислиме“, кажа таа за необичниот начин на транспорт.

Летот долг пет километри барал многу нова технологија, како специјално изработен дрон што ќе може да издржи дополнителна тежина, како и камери и сензори за следење на органот и комуникациски и безбедносни системи за лет над урбана, густо населена област. Дронот бил опремен и со падобран во случај на инцидент при летот, но мисијата се покажа целосно успешна.