Дизајнеритe Ана Тасева, Гоце Велески и Воскресија Андреевска и средношколците Амра Седиковиќ, Давид Манасијевиќ и Адријана Мирчевка ги добија наградите за најдобри решенија на повиците за визуелни дела на тема трансплантација и органодонорство. На конкурсот пристигнаа над 120 дела, а изложбата со 20 дела синоќа (26 март) се отвори во „Ист гејт мол“.
„Да се дарува орган е еден од најблагородните чинови што може да се направи. Донирајќи орган, вие донирате живот на друг човек. Благодарност до сите кои учествуваа, талентот е евидентен. Ова е можност да ве охрабриме да ја пренесете пораката и да зборувате со вашите најблиски, со вашите семејства, колеги на работа, соседи за придобивките што ги носи донирањето органи. Доколку бидеме свесни, можеме заеднички да спасиме животи“, изјави евроамбасадорот Дејвид Гир.
![](https://smart.sdk.mk/wp-content/uploads/2024/03/FotoJet-1.jpg)
За најдобрите решенија и за делата кои се дел од изложбата, одлучуваше петчлено жири кое го сочинуваа: Дита Старова-Ќерими (уметница), Зоран Кардула ( дизајнер), Томислав Георгиев (фотограф), д-р Маја Мојсова-Мијовска (национална координаторка за трансплантација) и Радмила Живановиќ (психолог).
„Сакаме и на младите да им ја пренесеме пораката дека не постојат табу-теми и теми за кои се плашиме да зборуваме. Неопходен ни е разговор дури и на тие теми и притоа мора да градиме ставови. Некогаш животот нè носи во ситуации кога е потребно да се донесат важни одлуки. Органодарувањето е една од тие одлуки“, вели д-р Мојсова.
Ана Тасева ја доби наградата за најдобар постер, наградата за најдобро лого ја доби Гоце Велески, а слоганот на Воскресија Андреевска, „Промени го крајот на нечија приказна“, ќе биде присутен во тековната брендинг кампања на сите решенија.
Настанот е дел од проектот „Поддршка на системот за трансплантација“, финансиран од Европската Инија, во кој краен корисник е Министерството за здравство.
Фото: Т. Георгиев