Болница во Бангкок нуди безболна операција која не подразбира вградување силиконски импланти, туку го вшмукува салото од стомакот и ги создава популарните стомачни мускули „six pack“.
„Оваа техника ја развивавме изминативе пет месеци во болницата. Ги зацврстува мускулите, што е спротивно на стандардна липосукција. Станува збор за безбедна процедура, која дава многу добри резулати“, вели Равеват Машамадол, директор на болницата „Мастерпис“.
Интервенцијата чини 4.000 долари, а заинтересираните ќе чекаат до два месеци, бидејќи болницата може да опслужи само двајца на ден. Досега оваа интервенција ја направиле 50 мажи и 30 жени.
Но, хирурзите велат дека не сакаат луѓето да мислат дека ова е скратен пат до убаво оформено тело.
„Ако ни дојдат луѓе со прекумерна тежина, ние ќе ги советуваме прво да отидат во сала за вежбање барем еден месец и потоа да дојдат кај нас. После операцијата, секако треба да имаат и поздрав начин на живот“, вели директорот.
Тајланд е познат по невообичаените третмани за убавина, што од лани вклучува и ласерско обелување за пенис.