РЕДИЦИ ЗА СЛИКОВНИЦИ, ТРИЛЕРИ И АВТОБИОГРАФИИ НА САЕМОТ НА КНИГА (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Сликовници, трилери, автобиографии се темите за кои читателите се најзаинтересирани на годинашниот Саем на книга, кој се одржува во ВИП арената „Борис Трајковски“ во Скопје. Мотото на 30. издание на Саемот е „Читај“, земја во фокус е Унгарија, а учествуваат околу 70 издавачи од Македонија, Унгарија, Србија, Косово, Албанија и од Данска.

Изминатиов викенд спортската сала беше преполна со читатели од сите генерации, кои беа љубопитни и за бројните промоции и за средбите со авторите.

Саемот трае до утре, а работното време е од 10 до 20 часот.

Сликовницата „Светот на Биби од А до Ш“ ја доби наградата за најдобро илустрирана книга или сликовница меѓу двата саеми, која ја додели Здружението на издавачите и книжарите. Автор на илустрациите е Михајло Димитриевски-Тхе Мичо, а автор на текстот е Билјана Црвенковска.

Втората награда во оваа категорија ја доби „Илустрирани приказни од Шекспир“ на „Просветно дело“ од Скопје, што ја уреди Ана Иванова, а илустрациите се на Ана Григорјев. Третата награда ја освои „Среќен роденден“ од Ели Маказлиева. Илустратор е Игор Јовчевски, а изданието е на „Едука мак“ од Скопје.

Влезница за Саемот чини 30 денари, а за организирани посети на ученици е 20 денари.

Фото: Ѓ. ЛИЧОВСКИ