Пејачката Ријана почнува свој сопствен моден бренд во рамките на француската групација за луксузни добра „Моет Хенеси Луј Витон“ (ЛВМХ). Името на брендот ќе биде „Фенти“, според нејзиното полно име Робин Ријана Фенти, и првата колекција ќе биде за пролет 2019.

Со потекло од Барбадос, Ријана е првата црномуреста жена која ќе води модна куќа и прва жена воопшто која креирала нов оригинален бренд во рамките на оваа групација.

„Фенти“ ќе произведува облека, обувки и модни додатоци и е прв нов бренд на ЛВМХ од 1987 година. Во рамките на оваа групација веќе има околу 70 престижни имиња, како „Луј Витон“, „Кристијан Диор“ и „Живенши“.

„Ми беше дадена уникатна можност да развијам модна куќа во луксузниот сектор без да имам уметнички ограничувања. Не можев да замислам подобар партнер и во креативна и во деловна смисла и едвај чекам светот да види што сме подготвиле заедно“, изјави Ријана.

Козметичкиот бренд на Ријана, „Фенти бјути“, лани остварил продажби од 500 милиони евра.