ДАНИЕЛ КРЕГ СЕ ПОВРЕДИЛ, ЗАПРЕНО СНИМАЊЕТО НА НОВИОТ ФИЛМ ЗА ЏЕЈМС БОНД

Лондон, (Гардијан)

Продукцијата на новиот филм за Џејмс Бонд претрпи нов удар откако главниот актер Даниел Крег се повредил на снимањето во Јамајка.

Според весникот „Сан“, Крег се лизнал и паднал во една акциона сцена, при што повредил глужд. Тој заминал за САД на лекување, што било причина снимањето да биде прекинато. Како резултат на ова, одложени се и планираните снимања во студиото „Пајнвуд“ во Лондон.

Сѐ уште неименуваниот 25. филм од франшизата конечно почна да се снима минатиот месец по низа одложувања, откако прво беше отпуштен режисерот Дени Бојл поради „креативни разлики“, а потоа мораше да се преработува и сценариото. Токму од тие причини, премиерата на филмот, место во ноември годинава, ќе биде дури во април 2020.