По цели седум години пауза, Македонија ќе има претставник во финалето на Евровизија. Тоа ѝ успеа на Тамара Тодевска со беспрекорната изведба на песната „Горда“ во втората полуфинална вечер во Тел Авив.
- Тамара настапи претпоследна, но неизвесноста траеше кратко откако името на Северна Македонија беше прочитано прво при објавувањето на резултатите.
- Освен Македонија, во саботното финале продолжуваат и Холандија, Албанија, Шведска, Русија, Азербејџан, Данска, Норвешка, Швајцарија и Малта.
- На првото полуфинале одржано во вторникот за финале се изборија Грција, Белорусија, Србија, Кипар, Естонија, Чешка, Австралија, Исланд, Сан Марино и Словенија.
- Загарантирано место во финалето имаа Франција, Германија, Италија, Шпанија, Велика Британија и домаќинот Израел.
- Последниот македонски финалист на Евровизија беше Калиопи, која во 2012 година настапи со песната „Црно и бело“.
- Тамара по вторпат учествува на Евровизија, но во 2008 година во Белград настапи заедно со Врчак и Адријан Гаџа.
- Финалето е в сабота од 21 часот, а специјална гостинка ќе биде поп кралицата Мадона, која ќе отпее две песни, од кои една од се уште неиздадениот нов албум.