УМЕТНОСТА И БИОЛОГИЈАТА СЕ НЕРАСКИНЛИВО СВРЗАНИ, ВЕЛИ УМЕТНИЦАТА ЅМБОВА ДОНЕВА ЗА СВОЈАТА ИЗЛОЖБА

Кочани, (СМАРТ СДК.МК)

Уметницата Нада Ѕмбова Донева во Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани се претстави со изложбата „Урбани пејсажи“.

Уметницата, која е професорка по биологија во ОУ „Свети Кирил и Методиј“, изложи дваесетина дела изработени во акрил на платно, со мотиви од урбана средина, чии колорит и форма се инспирирани од погледите од различни локации и височини во Кочани и Скопје.

Изложбата ја отвори директорката на „Бели мугри“, м-р Александра Димитрова, а присуствуваа голем број личности од јавниот и културниот живот на Кочани и пошироко

Според Јулијана Иванова, рецензентка на изложбата, фасцинацијата од урбаниот простор ја носи авторката кон експериментирање со апстрактен јазик на гестикулации и слоевити линии, а крајниот резултат е една нова естетика.

„Уметноста и творештвото, науката и биологијата се нераскинливо сврзани. Тоа дека уметноста ги соединува човекот и природата е познат факт. Уметноста, исто така, ги прави луѓето свесни за нивната унија еден со друг во потеклото и судбината. Животот е уметност, уметноста е живот“, вели Ѕмбова Донева за врската помеѓу нејзината професија и сликањето.