Во политиката влегов за да придонесам да нема веќе локални шерифувања кои газат и безмилосно одлучуваат за туѓите судбини, вели Наташа Петровска, првата жена на чело на Општина Битола. Таа е една од 6-те жени кои ја освоија градоначалничката функција на последните локални избори.
Седната во општинскиот кабинет кој беше пол цвеќиња пристигнати како честитки за нејзиниот мандат од граѓани, соработници, здруженија, колеги, па и од поранешни ученици на кои во Техничкото училиште им предавала математика, Петровска рече дека голема љубов во животот ѝ била математиката, а не ни сонувала дека ќе се занимава со политика.
„Никој во нашето семејство не пројавил интерес за политика. Почнувајќи од мојот дедо, па татко ми, мајка ми, брат, ми сестра ми и јас сите сме просветни работници. Математичари сме јас, сестра ми и брат ми. Афинитетите ги наследивме од татко ми. Но, имаме и наклонетост кон уметноста. Мој чичко, односно брат на татко ми, беше пејачот Добри Ставревски. Многу членови од семејството завршувале музичко училиште. Мојата сестра учеше паралелно две средни училишта, гимназија и средно музичко. Дома имаме пијано. Јас не сум музички образована, но знам да свирам клавир“, вели Петровска.
Наспроти цветната атмосфера во кабинетот, разговорот ни потече и за сериозни теми кои не се толку розови. Петровска откри дека се зачленила во СДСМ пред повеќе години, револтирана што нејзини пријатели биле жртви на локални шерифувања од тогашни политичари.
„Во политика ме натера да влезам неправдата што им беше нанесувана на двајца мои блиски пријатели кои имаа одреден проблем. Сфатив дека се жртви на локални шерифувања од тој период. Кога во една прилика се случи личност ангажирана во политиката да го избегне поздравувањето со мене додека имаше политичка свита околку себе, плашејќи се дека ќе кажам за проблемот, сфатив дека практично нема намера да го решава. Си реков, како граѓанин мора да придонесам за да немаме такви локални шерифувања“, вели Петровска.
По овој настан, додека со сопругот и синот шетале низ Широк Сокак, им рекла тие да продолжат кон паркот, а таа отишла во штабот на СДСМ и се зачленила. Им рекла „вработена сум и не се зачленувам за работа, стојам на располагање ако можете некаде како партија да ме ангажирате“.
Како исполнителна личност добила бројни политички ангажмани, стигнала и до Извршен одбор на СДСМ на централно ниво. Петровска за првпат јавно проговори за притисоците што ги преживеало нејзиното семејство од претходната власт. Вели дека цело семејство ѝ било бележано, не директно, туку суптилно. Многу бариери им биле поставувани, не затоа што требало да добијат некои привилегирани шанси, туку им било одземано и она што го заслужувале или им следувало. На брат ѝ, кога одел на интервјуа за вработување, секогаш му го спомувале нејзиното име, а маж ѝ го отпуштиле од работа на Божик.
„Мојот сопруг работеше во ФОД со договор на дело. Беше во конструктивно одделение и неговите колеги побараа на официјален коктел пред една Нова година од претпоставениот можност мојот сопруг во рамки на работното време да им држи обука, зашто беше доста напред со софтверот. Усно им било кажано дека можат да го прават тоа, а ние набрзо по тој коктел, непосредно пред Божик, добивме изветување дека му го раскинаа договорот. Барем можеа од хумани причини да почекаат празникот да помине. Не му кажаа зошто, но во неврзан разговор тогашниот директор кажал дека мојот сопруг бил втор на списокот со лица кои треба да бидат отстранети од работа само зашто што бил мој сопруг“, вели Петровска.
Ваквите притисоци, вели, ѝ покажале оти не завршила битката поради која влегла во политика. Продолжила да чекори напред со целосна поддршака од двата сина (12 и 17 години), сопругот и свекорот со кого живеат заедно.
„Од стар човек не можеш зијан да имаш“, вели Петровска и додава дека добива искучителна помош и од свекорот, кој ако види дека таа има многу работа ја прашува „снашке, кажи што треба денес да ти помогнам.“
Како градоначалничка на Битола ќе има еден куп работа. Веќе побара од Советот ребаланс на буџетот, зашто општинската сметка ја затекна со многу долгови.
„Во Општината се случуваа карактеристични ситуации кои направиле застој на низа работи. Ја имам веќе бројката на состојбата во Општината. Благо е ако кажам дека не е сјајна. Ќе излезам и на официјална прес конференција, каде и со бројки ќе ги кажам состојбите. Има проблеми, обврски кои се доспеани. Имаме судски решенија со големи суми кои треба да се исплатени , а престојат и други согласно договори кои веќе биле склучувани за исполнување обврски, кои мора да се исполнат зашто ќе следат нови судски решенија и би ја оптовариле дополнително Општината“, вели Петровска.
Се надева дека со нејзината постеветеност и професионализам од администррацијата ќе успеат да и го исправат патот на Општината. Ветува дека ќе се бори за поголема поддршка од централната власт за локални проекти, зашто во изминатиот период очигледно дека градот ја немал.
Ж. ЗДРАВКОВСКА