„ОХРИДСКА БАНКА СОСИЕТЕ ЖЕНЕРАЛ“ РАСПИША КОНКУРС ЗА МЛАДИ СЛИКАРИ ЗА ЛИКОВНА КОЛОНИЈА ВО ВЕВЧАНИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Охридска банка Сосиете женерал“ распиша конкурс за млади сликари, преку кој ќе се изберат учесниците на ликовната колонија „Вевчански видувања“, што ќе се одржи во Вевчани од 22 јуни до 6 јули. На конкурсот можат да се пријават сликари на возраст од 18 до 23 години.

Пријавувањето е електронско и трае од 27 мај до 9 јуни, при што се пополнува формулар на веб-страницата www.obsgklubnatalenti.mk. во делот „Аплицирај“. Банката, заедно со стручното жири, ќе избере најмногу 12 финалисти и нивните имиња ќе бидат објавени на сајтот на 13 јуни.

Учесниците на колонијата ќе бидат поделени во две групи, при што секоја група ќе престојува по пет дена: првата од 23 до 27 јуни, а втората од 28 јуни до 2 јули. Сите трошоци се покриени од банката. Победникот ќе биде прогласен на финалната вечер и ќе биде награден со 60.000 денари.

Кампањата е дел од платформата за општествена одговорност „Клуб на таленти на Охридска банка“, преку која се дава поддршка на млади потенцијали од разни области.