Музика од четири континенти ќе биде застапена на претстојното 18. издание на Офф-фест, што почнува в понеделник и ќе трае шест дена, што го прави и најдолго досега.

„Секој пат се прашуваме како ќе го надминеме претходното издание, но мислам дека повторно ни успеа и можам да кажам дека годинава ја имаме најквалитетната програма. Таа, исто така, првпат ќе се протегне на шест дена“, вели Оливер Белопета, директорот на Скопски џез фестивал, во чија организација е Офф-фест.

Фестивалот се отвора со, како што вели Белопета, навидум неспоива комбинација на инструменти, харфа и кора, во изведба на Велшанката Катрин Финч и Сенегалецот Секу Кејта, по што следува настапот на битолчанецот со њујоршка адреса Крсте Роџевски, за кого тоа ќе биде прв концерт во Македонија.

Во наредните пет дена, на фестивалот ќе може да се чуе и музика од Мали, Унгарија, Либан и Колумбија, а затворањето е на 8 јуни во клубот „Епицентар“ со диџеј сетот на Деди Џи од „Масив атак“.

Концертите ќе се одржуваат во Национална опера и балет и Денсинг салата на Младински културен центар.

Г. КОНЕВ