НИКОЈ ПОСЛЕ МЕНЕ НЕ СМЕЕ ДА ГО ИГРА ИНДИЈАНА ЏОНС, ВЕЛИ ХАРИСОН ФОРД

Лос Анџелес, (Индипендент)

Харисон Форд изјави дека никој не смее да го замени како Индијана Џонс. Седумдесет и шестгодишниот актер ќе ја повтори легендарната улога во претстојниот петти филм, кој ќе го режира оскаровецот Стивен Спилберг.

„Никој друг нема да биде Индијана Џонс. Зарем не сфаќате? Јас сум Индијана Џонс. Кога мене ќе ме нема и него ќе го нема. Толку е едноставно. Ова е ужасен начин да му го кажам ова на Крис Пајн. Жал ми е момче“, рече Форд во интервју за ТВ-емисијата „Денес“.

Медиумите шпекулираа дека ѕвездата на „Чувари на галаксијата“ Крис Прат ќе ја преземе улогата во наредните години, а не актерот од „Ѕвездени патеки“, Пајн.

„Можеби Форд знае нешто што ние не знаеме“, се пошегуваа холивудските медиуми.

Петтиот „Индијана Џонс“ првично беше најавен за 2020, но „Дизни“ ја одложи премиерата за 9 јули 2021. Извршен продуцент ќе биде Џорџ Лукас, а музиката повторно ќе ја компонира Џон Вилијамс.