УНГАРИЈА ЗА ЕДНА МИЛИЈАРДА ЕВРА ЌЕ ГРАДИ ЕКОЛОШКИ ГРАД ОД СТАКЛЕНИ ГРАДИНИ

Будимпешта, (Дезин)

Унгарија ги објави плановите за изградба на нов фармерски град исполнет со стаклени градини, кои ќе се напојуваат од обновливи извори на енергија. Земјоделскиот центар вреден една милијарда евра ќе се гради на границата со Австрија и Словачка и ќе биде со површина од 330 хектари, што е рамно на 500 фудбалски игралишта.

„Овој проект претставува епохална промена во земјоделството“, изјави министерот за земјоделство Иштван Наѓ.

Новата област ќе биде дом на комплекс од стаклени градини, во коишто зеленчук и растенија ќе се одгледуваат преку цела година. Тука исто така ќе се наоѓа најголемата фарма за риби во континентална Европа, како и станбена област со домови за околу илјада работници, градинка, основно училиште, хотели и со продавници.

Стаклените градини ќе се напојуваат главно со соларна енергија и биогас и ќе бидат јаглеродно неутрални, што значи дека целиот произведен јаглероден диоксид ќе биде елиминиран.