Сер Елтон Џон ја критикуваше Русија за одлуката да ги исече хомосексуалните сцени од биографскиот филм „Рокетмен“. Локалниот дистрибутер за државната агенција „Тас“ изјави дека сцените се извадени во согласност со руските закони.

„Цензурата е лоша рефлексија на поделениот свет во кој живееме и на тоа колку може да биде сурово неприфаќањето на љубовта помеѓу двајца луѓе. Ние веруваме во градење мостови и во отворен дијалог и ќе продолжиме да ги рушиме бариерите сѐ додека луѓето не се третираат еднакво низ цел свет“, стои во соопштението на британскиот пејач и креаторите на „Рокетмен“.

По неодамнешната проекција во Москва, локалните медиуми и критичари објавија дека околу пет минути од филмот се отстранети. Критичарот Антон Долин напиша дека „сите сцени со бакнување, секс и орален секс се исечени“, а Миша Козирев објави дека и сцените со употреба на дрога се избришани.

Олга Љубимова од секторот за филм во Министерството за култура рече дека не побарале од дистрибутерот да го промени филмот.

„Погрешно е да се каже дека ја поттикнуваме цензурата. Но, очекуваме филмовите да се во согласност со руските закони за педофилија, порнографија и етничка и верска омраза“, изјави Љубимова.

Поради наведените сцени, филмот во Велика Британија доби ознака дека можат да го гледаат лица над 15 години.