АМЕРИКАНСКА КОМПАНИЈА ГО СОЗДАДЕ ПРВИОТ САМОВОЗЕЧКИ ТРАКТОР

Лас Вегас, (ДПА)

Најголемиот светски производител на земјоделски машини „Џон Дир“ го создаде првиот целосно автономен трактор, кој ќе почне да се продава подоцна оваа година.

„Ова не е визија или демо, туку готов производ“, изјави шефот на американската компанија, Џами Хиндмен.

Тракторот има шест пара стерео камери кои обезбедуваат целосен преглед на околината за да се избегнуваат пречки. Информациите од снимките поминуваат низ систем инспириран од биолошката невролошка мрежа каква што користи човечкиот мозок.

„Секој пиксел се класифицира за 100 милисекунди. Системот потоа решава дали машината ќе продолжи или запре, во зависност од регистрираната пречка. Вештачката интелигенција е обучувана со повеќе од 50 милиони снимки“, вели Хиндман.

Според компанијата, земјоделците само треба да го донесат тракторот на нива и да го подесат, а самите можат да се посветат на други обврски. Машината може да се активира и набљудува од далечина преку смартфон или компјутер.