Велшката харфистка Кетрин Финч и сенегалскиот мајстор на кора Секу Кејта вечерва во 20 часот го отвораат 18. издание на Офф-фест. Најавени како неспоива комбинација на инструменти, Финч и Кејта заедно снимаат албуми од 2013 година, црпејќи инспирација од сопствените различни традиции.
„Ова е апсолутно хипнотичен и уникатен брак од култури“, се вели во најавата на концертот.
Кора е 21-жичен инструмент со традиција во западна Африка, кој комбинира елементи на лејта и харфа.
Македонската публика потоа за првпат ќе има можност во живо да го чуе Крсте Роџевски, композитор, гитарист и пејач кој повеќе од 20 години живее во Њујорк. Тој своите музички почетоци ги бележи во родната Битола, а изминативе години неговата кариера добива голем замав. Не само што има издадено три албуми за период од четири години, туку има правено и музика за филмови на Милчо Манчевски, Столе Попов и Митко Панов. Неговиот последен албум „Зајакот и паднатиот јавор“ котираше високо на листата на влијателниот џез магазин „Даунбит“.
Како што најавија од Офф-фест, неговиот вечерашен настап ќе биде фокусиран на првиот албум „Батанија“ од 2015 година, а ќе го придружуваат музичари со кои соработува во Њујорк.
Двата концерта ќе се одржат во Национална опера и балет.