ЛИБАНСКА И КОЛУМБИСКА ЕЛЕКТРОНИКА ВЕЧЕРВА НА ОФФ-ФЕСТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со вечерашните концерти во Младински културен центар завршува авторскиот дел на 18. издание на Офф-фест, кој и оваа година понуди автентична музика од најразлични поднебја. Така ќе биде и денеска, кога на програмата, која почнува во 20 часот, се групи од Либан и Колумбија.

„Лав енд ривенџ“ е електронски проект на либанскиот хип хоп пионер Рејес Бек и на визуелната уметница Ранда Мирза, преку кој им даваат нов живот на старите арапски песни и филмови. Тие материјалот за својата музика го наоѓаат во таканаречената златна ера на арапската култура, од 1940-ите и 1950-ите години и настапуваат пред платно на кое се емитуваат романтични сцени од класичните арапски филмови. Од еден од нив го имаат преземено и името на групата.

Квартетот „Ромперајо“ е дел од новата колумбиска музичка сцена, кој комбинира традиционални ритми и модерна електроника, за да добие една електро-психоделична кумбија, популарен музички жанр и танц во оваа земја.