ПРВИОТ БЕСКОНЕЧЕН БАЗЕН ОД 360 СТЕПЕНИ НА СВЕТОТ ЌЕ СЕ ГРАДИ НА ВРВОТ ОД ХОТЕЛ ВО ЛОНДОН

Лондон, (Си-Ен-Ен)

Компанијата „Компас пулс“ ги објави плановите за изградба на првиот бесконечен базен од 360 степени на светот, што ќе се наоѓа на покривот од 55-катница во Лондон. Наречен „Бесконечност Лондон“, базенот со 600.000 литри вода ќе се наоѓа на врвот од хотел, кој ќе ги зафаќа последните пет спратови. Планирано е изградбата да почне најрано во 2020 година.

Според планот, ѕидовите и подот на базенот ќе бидат целосно проѕирни, што значи дека пливачите ќе имаат отворен поглед кон Лондон и под хотелот. Базенот ќе биде направен од акрилско стакло, што ја пренесува светлината на слична бранова должина како водата, што ќе овозможи тој да биде целосно јасен.

Тој ќе овозможува и отворен поглед во хотелот

Вграден анемометар ќе ја следи брзината на ветерот, со што водата цело време ќе ја задржува потребната температура и нема да се прелева.

Во базенот ќе се влегува и излегува преку ротирачки спирални скали, налик на врата во подморници, кои ќе бидат сместени во подот.

„Базенот вообичаено е во втор план кога се прави зграда, но во овој проект, ние прво почнавме да го дизајнираме базенот, па потоа си рековме ‘еј, зошто не би ставиле зграда под него?‘ Сакавме да постигнеме непрекинат поглед, и под и над водата“, вели Алекс Кемсли, дизајнер во „Компас пулс“.