ЈАПОНСКИ ГРАД ГО СЕЛЕКТИРА СВОЈОТ ОТПАД ВО 45 РАЗЛИЧНИ КАТЕГОРИИ

Камикацу, (АФП)

Пластика, хартија, метал? Во јапонското гратче Камикацу, селектирањето отпад не е едноставно. Тамошните 1.500 жители секој ден треба да го селектираат својот отпад во 45 различни категории, бидејќи градот постави за цел да има нула отпад во 2020 година.

И тоа не е сѐ: во градот не постои ѓубреџиска служба, туку жителите на овој град во западна Јапонија сами мора да го однесат својот отпад во локално собиралиште.

„Да, комплицирано е, но станав еколошки поосвестен откако се преселив овдека минатата година“, вели 39-годишниот Наоко Јокојама.

Категориите покриваат буквално сѐ, од перници до четки за заби, бидејќи градот планира да го рециклира целиот свој отпад и ништо да не се гори. Процесот знае да биде напорен, не само поради строгото селектирање, туку и бидејќи некои предмети, како пластични шишиња и кеси, претходно мора да се исперат и исушат.

Во локалниот објект за рециклирање постојат десетици различни контејнери за секоја категорија. Ако еден предмет е составен од повеќе делови и материјали, од жителите се очекува да ги растурат и поделат во соодветни контејнери.

Во повеќе делови на Јапонија се применува селектирање отпад, но само во неколку категории и голем дел од отпадот се пали. Во 2017 година, Камикацу успеал да постигне 80-отстотно рециклирање на отпадот, додека на национално ниво тоа изнесува само 20%.