ТРИ ГЕНЕРАЦИИ НА „СПАЈС ГРЛС“ СЕ ОБЕДИНИЈА НА ЗАВРШНИОТ КОНЦЕРТ ОД ПОВРАТНИЧКАТА ТУРНЕЈА

Лондон, (Би-Би-Си)

Џери Хорнер се извини пред 70.000 луѓе на стадионот „Вембли“ што во 1998 година ја напушти групата „Спајс грлс“, додека таа се наоѓаше на врвот на популарноста. Британската поп атракција од 1990-ите во Лондон ја заврши својата повратничка турнеја, на којашто настапи пред 700.000 луѓе на 13 стадиони.

„Сакам да кажам нешто што требаше да го кажам многу одамна. Се извинувам. Се извинувам што си заминав. Тоа беше многу глупаво од мене. Мило ми е што се вратив“, изјави Хорнер.

Таа своевремено кажа дека го направила тоа поради исцрпеност и затоа што се чувствувала оддалечена од останатите членки на групата.

Мајките и децата на членките на групата заедно на сцена (Фото: Твитер)

Извинувањето на Хорнер не беше единствениот емотивен момент на концертот, откако членките на групата ги поканија своите мајки и деца да им се придружат на сцената за песната „Мама“.

„Видовте трите генерации на ‘Спајс грлс‘“, извика Хорнер.

Викторија Бекам го игнорираше и последниот повик за целосно обединување на групата, избирајќи да оди на венчавката на Серхио Рамос во Севилја.