Секоја година, последниот преостанат мост со јажиња на Инките се фрла и се прави нов над реката Апуримак во регионот Куско во Перу.
Мостот Кесвачака се ткае рачно и така постојано во последните најмалку 600 години. Своевремено дел од мрежата која ги поврзувала најважните градови во империјата на Инките, УНЕСКО во 2013 година го прогласи за светско културно наследство.
Традицијата се пренесува од генерација на генерација и сите возрасни членови на заедниците од двете страни на мостот учествуваат во негово правење. Само мажите смеат директно да го градат мостот, додека жените остануваат во горниот дел од клисурата и ги ткаат помалите јажиња.
Стариот мост се пресекува и се пушта да отплови низводно, кадешто едноставно ќе скапе, бидејќи е направен од треви. Во процесот не се користат никакви модерни материјали, алатки или машини – само трева и човечка сила. Реконструкцијата завршува на четвртиот ден, со голема прослава, што вообичаено се совпаѓа со втората недела во јуни.