ТЕХНОЛОГИЈАТА Е ЗАБАВНА, ИНЖЕНЕРИТЕ СЕ КУЛ – УТРЕ ИЗЛОЖБА И ЗАБАВА НА МАШИНСКИ ФАКУЛТЕТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Утре од 18 до 20 часот, во дворот на Машинскиот факултет во Скопје ќе се одржи настанот „Технологијата е забавна, инженерите се кул“.

Настанот го организира тимот на MS3 Lab, поддржан од Македонско-американската алумни организација. Проследен со презентација на технологија, игри и тестирање на, како што велат, кул производи дизајнирани од тимот на Факултетот, настанот е наменет за сите возрасти и за сите оние кои сакаат да ја видат забавната страна на инженерството.

„Посетителите ќе имаат можност да видат различни студентски проекти, да се запознаат со основите на 3-Д печатењето, како и да дизајнираат свој производ со помош на студентите. Децата се особено добредојдени. Заедно, на забавен начин ќе ги поттикнеме нивните креативност и вродена љубопитност кон технологија и инженерство. Оригами-роботи, количка која сама го наоѓа излезот од лавиринт, смарт безбедносен елек за велосипедисти и уникатни очила се само дел од прототипите што ќе можете сами да ги тестирате и да се забавувате“, најавуваат тие.