Иако се избришани од колективната меморија на светот во новиот филм на оскаровецот Дени Бојл, членовите на „Битлс“ дале зелено светло за користење на нивната музика во „Вчера“, што излегува наредната недела.
Оваа комедија зборува за британскиот музичар Џек, кој по сообраќајна несреќа се буди во алтернативен свет, во којшто никој освен него не се сеќава на легендарниот бенд.
„Групата даде одобрување за користење на нејзината музика во филмот, иако таа буквално е избришана од свеста на светот. Мислам дека им се допаднала оваа идеја, бидејќи е соодветна на нивната смисла за хумор“, изјави Бојл на британската премиера на „Вчера“ во Лондон.
Бојл вели дека добил дозвола од Ринго Стар и од вдовицата на Џорџ Харисон, а ѝ пишал и на Јоко Оно.
„Ринго и вдовицата на Харисон го имаат гледано филмот и испратија поддршка. Пол Макартни го има видено само трејлерот и ми кажа дека му се допаднал“, вели Бојл.
Ед Ширан се игра себеси во филмот, додека во главната улога е Химеш Пател, чија кариера почнува да напредува благодарение на хитовите на „Битлс“.