ВРВ ВО КАРИЕРАТА МИ Е ШТО СНИМАВ ВО СТУДИОТО НА „БИТЛС“, РЕЧЕ ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ НА КОНЦЕРТОТ ВО ШТИП

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Легендарниот гитарист Влатко Стефановски одржа двочасовен концерт во Домот на младите во Штип, во рамките на Штипското културно лето. Настапот започна и заврши со голем аплауз на полната летна сцена..

„Уште од млад знаев дека Штип е рокерско место, рокерски град. Овде запознав многу добри и интересни луѓе, кои секогаш ми го олеснуваа престојот“, рече Стефановски.

Тој се наврати и на периодот кога како помлад настапувал во градот.

„Во 1983 гсвирев со војничкиот оркестар и настапував во Офицерскиот дом. Во тоа време бев војник речиси една година. Од тој период носам многу пријатели и голема носталгија. За жал, некои од нив повеќе не се меѓу нас“.

Тој зборуваше и за својата меѓународна кариера, а ги спомена настапите во Велика Британија.

„За мене е големо признание што во 2013 година свирев со Лондонскиот симфониски оркестар, а во 2024 снимав албум во Лондон, во студио каде што работеле ‘Битлс’ и ‘Пинк Флојд’. Тоа за мене е врв во кариерата“, рече Стефановски.

Тој додаде дека ваквите успеси му значат исто колку и настапите дома, како што е концертот во Штип.

Стефановски настапи со Иван Кукиќ на бас гитара и со синот Јан Стефановски на тапани. Кажа дека Јан дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Штип.

Т. ЈОВАНОВСКИ