Остров во северна Норвешка сака да стане место кадешто долгите летни денови ќе траат засекогаш. Сомареј, или во превод Летен Остров, пред официјалниот почеток на летото најави дека сака да ги замени часовниците со цветни венци и да стане прва безвременска зона на светот.
На овој остров северно од Арктичкиот Круг сонцето не изгрева ниту заоѓа од 18 мај до 26 јули, цели 69 дена. По долгите поларни ноќи од ноември до јануари, локалното население со радост ги чека овие месеци, и покрај тоа што сонцето не изгрева и воопшто не се грижат за стандардното одредување на времето.
„Постојано има дневна светлина и ние се однесуваме соодветно на тоа. Среде ноќ, она што во градовите го викаат два наутро, кај нас децата играат фудбал на улица, луѓето си ги косат тревниците, тинејџерите одат на базен“, вели Кјел Ове Хвединг, водачот на оваа кампања.
Локалците потпишаа петиција за безвременска зона на 13 јуни и Хвединг му ја предаде на член на норвешкиот парламент, со кого разговараа за практичните и правни аспекти на инцијативата.
„Ова за нас ќе значи формализирање на она што го правиме со генерации“, вели тој.
Луѓето од островот се надеваат дека на овој начин ќе бидат ослободени од термини како почеток на работно време и ќе се покаже флексибилност во часовите поминати на училиште и работа.
„Сакаме да постигнеме полна флексибилност, сакаме да правиме што сакаме и кога сакаме“, вели Хвединг.