ЗЛАТНИОТ ЧОВЕК НА КАЗАХСТАН ОД 5. ВЕК П.Н.Е. НА 11 ЈУЛИ ЌЕ СЕ ИЗЛОЖИ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Kазахстанскиот Тутанкамoн или Златниот човек, најпознатото и најзначајно археолошко откритие на Казахстан, на 11 јули ќе биде изложен во Археолошкиот музеј во Скопје.

Изложбата од Националниот музеј на Казахстан во Нур-Султан е насловена „Патувањето на Златниот човек во музеите ширум светот“. Во фокусот на изложбата е Златниот човек, кој датира од 5. век пред нашата ера и кого научниците го идентификуваат како воин на народот Сака.

Фото: Археолошки музеј

„Златниот човек е откриен во тумуларна гробница во Исик, во близина на главниот град Алмати во 1969. Неговото тело е покриено со неколку илјади златни апликации, комплет кој се состои од кошула, чизми и накит за глава. Се претпоставува дека златните обетки и прстени кои се пронајдени во гробот, исто така, му припаѓаат нему. Од прогласувањето на независноста на Казахстан во 1991, Златниот човек станува симбол на казахстанското национално богатство“, велат од Археолошкиот музеј.

На изложбата, која ќе биде отворена до 11 август, ќе бидат изложени 189 ексклузивни предмети, меѓу кои: накит, предмети со рунски натписи, воена опрема, коњска опрема и традиционални ракотворби. Влезот ќе биде бесплатен.