АЛКОХОЛОТ СЕ ЗАДРЖУВА ВО КРВТА ДО ШЕСТ ЧАСА, А ВО КОСАТА И ДО 90 ДЕНА

Њујорк, (Јаху)

Седнување зад волан под дејство на алкохол никогаш не е добра идеја, бидејќи дури и мало количество може да влијае врз рефлексите и способноста за возење.

„Кога алкохолот ќе влезе во крвта, тој поминува низ црниот дроб, кој го разградува. За тоа е одговорен ензимот алкохол-дехидрогеназа, чие количество во црниот дроб зависи од тоа колку често јадеме. Затоа ефектите на алкохолот ги чувствуваме многу побрзо ако пиеме на празен желудник, бидејќи тој подолго се задржува во крвта и посилно влијае на мозокот“, вели д-р Џорџ Куб, директорот на Националниот институт за злоупотреба на алкохол на САД.

Колку долго алкохолот се задржува во организмот? Разградувањето различно трае кај секој поединец. Според Куб, на повеќето луѓе им треба еден час за да разградат половина од пијачката, односно 30 милилитри.

„Просечното време потребно да се разгради една чаша вино е три часа. За половина литар пиво тоа изнесува два часа“, проценува Куб.

Според американската мрежа на центри за лекување зависности, алкохол може да се открие во крвта и шест часа подоцна, од 12 до 24 часа во здивот, урината и во плунката, а во косата се задржува и до 90 дена.