ПРВИОТ РОМАН ЗА ВОЗРАСНА ПУБЛИКА НА СТЕН ЛИ ЌЕ БИДЕ ОБЈАВЕН НАЕСЕН

Лос Анџелес, (Гардијан)

Еден од последните проекти на Стен Ли, оригинална приказна за двајца тинејџери кои ги здружуваат своите необични моќи за да го спасат светот од уништување, ќе биде објавен како роман наесен. Легендарниот стрип автор, кој е кокреатор на ликови како Спајдермен, Икс-Мен и Ајронмен, почина во ноември на 95 години.

„A Trick of the Light“ е опишан како прво дело на Ли наменето за возрасна публика. Напишан заедно со Кет Розенфилд, романот зборува за пријателството помеѓу мистериозниот хакер и гениј за кодирање Нија и Камерон, кој после една несреќа се здобива со моќ да манипулира со технологија со помош на умот. Кога физичките и онлајн сили ќе се заканат со истребување на човечката раса, тие мора да ги здружат силите за да го спасат светот.

Издавачот вели дека книгата ќе излезе на 17 септември и ќе има и своја аудиоверзија.

„Ова е прв роман на Ли за возрасни читатели и се правеше со години“, изјавија од издавачката куќа „ХМХ“.