МОРИСИ ОТКАЖА КОНЦЕРТ ОТИ МУ БИЛО ПРЕСТУДЕНО ДА ПЕЕ НА 4 СТЕПЕНИ

Лос Анџелес, (Мешабл)

Англискиот пејач Мориси во последен момент откажал концерт во Калифорнија, затоа што му било престудено и фановите не беа импресионирани.

Концертот требаше да се одржи на отворено, во амфитеатар со 3.000 седишта во Пако Роблес, но беше откажан, откако се појавија проблеми со греењето на сцената. Температурата била нешто над 4 степени.

„Поради неможноста да се поправи грејниот систем на сцената, вечерашниот концерт е откажан“, објавија организаторите пред разочараните фанови.

Тие беа известени дека концертот ќе се одржи во друг термин наредната година.

„Среќа што голем број од концертите во САД ќе бидат во затворено, инаку, целата турнеја можеше да пропадне“, прокоментираа американските медиуми.