Со пораки „Љубовта е љубов“, „Љубовта им припаѓа на сите“, „Не треба да судиш кој кого љуби“ и „Никој не е слободен додека сите не сме слободни“, денес во Скопје се одржа првата Парада на гордоста.
Во весела атмосфера, под силно полициско обезбедување, стотици граѓани и активисти и припадници на ЛГБТ заедницата од дома и од странство, како и странски амбасадори во земјава маршираа од паркот Жена Борец до Школка во Градскиот парк.
Годинашната македонска претставничка на Песна на Евровизија Тамара Тодевска, облечена во фустан со боите на виножитото – симболот на ЛГБТ заедницата, ја отпеа песната „Горда“ (Proud). Каја Мор, трансродово лице од Чикаго, родум од Струга ги поздрави учесниците на парадата на гордоста во фустан и елементи од познатата струшка народна носија.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска кажа дека владата со измена на законите овие две години што ја засега ЛГБТ заедницата, но и со намерата тие да се применат, сака овие маргинализирани групи да ги направи видливи и да не ги изгуби како потенцијал за државата.
С. К. ДЕЛЕВСКА