АРКТИЧКА ЛИСИЦА ЗА 76 ДЕНА ПОМИНАЛА НАД 3.500 КИЛОМЕТРИ И ГИ ШОКИРАШЕ НАУЧНИЦИТЕ

Осло, (Гардијан)

Арктичка лисица пешки поминала повеќе од 3.500 километри од Норвешка до Канада за 76 дена, шокирајќи ги истражувачите од Норвешкиот поларен институт.

Животното познато како крајбрежна или сина лисица носеше уред за следење од јули 2017. Таа го напуштила Спитсберг на норвешкиот архипелаг Свалбард на 26 март 2018 и за 21 ден поминала 1.512 километри по морскиот мраз, за да стигне на Гренланд на 16 април. Потоа го продолжила патувањето до островот Елесмир во Канада, кадешто дошла на 1 јули.

„Во прв момент не ни се веруваше дека е вистина“, изјави истражувачката Ева Фуглеј, која ја следеше лисицата.

Од Институтот велат дека ова е едно од најдолгите патувања на животно досега забележани и оттаму прво се сомневале дека некој можеби ја пренесол лисицата со брод.

„Проверивме, немаше бродови кои отишле толку далеку во мразот. Продолжуваме да веруваме дека лисицата сама го направила тоа“, додаде Фуглеј.

Според податоците од уредот, лисицата во просек дневно поминувала по 46,3 километри, а рекордот во еден ден ѝ биле 155 километри, кога била на Гренланд. Нејзината судбина не е позната, бидејќи ГПС-локаторот престанал да емитува податоци во февруари годинава.

„Ова е уште еден доказ колку е важен морскиот мраз за дивиот свет на Арктик“, изјави норвешкиот министер за животна средина Ола Елвестуен.

Арктичките лисици се многу отпорни животни и можат да преживеат и до -50 Целзиусови степени.