ПОСЛЕДНОТО УМЕТНИЧКО ДЕЛО НА БАНКСИ Е ПАНЦИР

Лондон, (Би-Би-Си)

Мистериозниот графити уметник Банкси потврди дека тој го направил панцирот што британскиот рапер Стормзи го носеше за време на својот настап на фестивалот Гластонбери. Панцирот беше осликан со црно-бело британско знаме.

„Направив специјален панцир отпорен на убоди и си помислив кој би можел да го носи. Стормзи на Гластонбери“, напиша Банкси на Твитер.

Стормзи е првиот црномурест британски соло музичар кој бил главна ѕвезда на овој фестивал во неговата 49-годишна историја.

Со ова уметничко дело, Банкси вели дека сакал да предупреди на порастот на бројот на убиства со нож на англиските улици и на расната нееднаквост во кривично-правниот систем.