50 ГОДИНИ ОД ПРВИОТ ЛЕТ НА МЕСЕЧИНАТА – АРМСТРОНГ, ОЛДРИН И КОЛИНС ПАТУВАЛЕ 800.000 КМ ВО ПРОСТОР КОЛКУ ПОГОЛЕМ АВТОМОБИЛ

Кејп Канаверал, (Би-Би-Си)

Педесет години подоцна, програмата „Аполо Мун“ веројатно е сѐ уште најголемото технолошко достигнување на човештвото.

На 16 јули 1969, Нил Армстронг, Баз Олдрин и Мајкл Колинс се наоѓаа во нивното вселенско летало „Аполо“ на врвот на ракетата „Сатурн В“ и за само 11 минути беа исфрлени во орбитата. Четири дена подоцна. Армстронг и Олдрин станаа првите луѓе кои стапнале на Месечината.

Ова се некои факти за историската мисија, што ќе се одбележува со разни настани во наредните осум дена, колку што траело целото патување.

  • „Сатурн В“ сѐ уште е најголемата и најмоќна ракета направена досега. Висока повеќе од 100 метри и тешка 2.800 тони, таа согорела 20 тони гориво во првата секунда од лансирањето.
  • Армстронг, Олдрин и Колинс заедно пропатуваа речиси 800.000 километри до Месечината и назад во простор со големина на поголем автомобил. Во него немаше место за клаустрофобични.
  • Речиси 110 часа откако ја напуштија Земјата, Армстронг прв прошета по Месечината, а 20 минути после него, тоа го направи и Олдрин.
  • Во преддигиталната ера, НАСА вработи голем број математичарки како „човечки компјутери“ и некои од нив беа Афроамериканки. Нивната работа на обработување податоци и изведување сложени пресметки се покажа клучна за успехот на програмата. Кога НАСА ги доби првите компјутери, повеќето од првите програмери беа тие жени.
  • Околу 400.000 луѓе работеле на програмата, која чинела тогашни 25 милијарди долари.
  • Се проценува дека 650 милиони луѓе низ цел свет го гледале преносот од првото спуштање на Месечината.