ШКОТСКА ПРОИЗВЕДУВА ТОЛКУ ВЕТЕРНА ЕНЕРГИЈА ШТО МОЖЕ СО СТРУЈА ДА ГИ СНАБДУВА СИТЕ ДОМОВИ

Единбург, (Би-Би-Си)

Производството на ветерна енергија во Шкотска достигнало нов рекорд во првите шест месеци од годината.

Според податоците на сајтот WeatherEnergy, тамошните турбини имаат произведено толку енергија што со неа би можеле да се снабдуваат сите домови во Шкотска, како и дел од северна Англија.

„До крајот на јуни, земја која има околу 2,46 милиони домови произвела речиси 10 милиони мегават часови електрична енергија, што е доволно за снабдување на 4,47 милиони домови“, се вели на сајтот.

Ова е импресивен податок за Велика Британија, која сака да стане јаглеродно неутрална земја во наредните 30 години, а трендот во Шкотска е опишан како „револуција во ветерната енергија“.

„Ова се неверојатни бројки. Шкотска продолжува да биде лидер во оваа револуција. Целата земја ќе има придобивки од почистата енергија, па така и климата“, изјави Робин Паркер, менаџерот за климатска и енергетска политика на шкотскиот оддел на Светскиот фонд за природа.

Шкотска е глобален лидер на полето на обновливи извори на енергија и повеќе од половина од потрошувачката на струјата се базира на нив.