ЕТИОПИЈА СЕ ПОФАЛИ ДЕКА ПОСАДИЛА 353 МИЛИОНИ ДРВЈА ЗА 12 ЧАСОВИ

Адис Абеба, (Гардијан)

Повеќе од 350 милиони дрвја биле посадени во Етиопија во текот на вчерашниот ден, објави владин министер, со што беше поставен нов светски рекорд.

Акцијата беше дел од националната иницијатива „Зелено наследство“, која предвидува садење на четири милијарди дрвја низ земјата од мај до октомври, кога е сезона на дождови. Секој жител притоа се охрабрува да посади по 40 садници.

Според Обединети нации, само 4% од територијата на Етиопија се покриени со шуми, додека во почетокот на 20. век биле 35%.

Министерот за иновации и технологија Гетахун Мекурија на крајот на денот ја заокружи бројката на 353.633.660 посадени дрвја во рок од само 12 часови.

Претходниот рекорд беше поставен во Индија пред три години, кога во еден ден 800.000 волонтери посадија 50 милиони дрвја.