Светски познатиот сопран Инва Мула, која го позајми гласот на Дивата во популарниот филм „Петтиот елемент”, вечерва од 21 часот ќе настапи на Охридско лето, на концерт во „Света Софија“.

Мула ќе настапи со сопранот Дешира Ахмети и тенорот Ѓорѓи Цуцковски од Националната опера и балет, во придружба на пијанистот Генц Тукичи од Албанија.

„Охрид е уникатно место во светски рамки. Сѐ уште ги чувам спомените од концертите во ‘Света Софија’, така што се надевам дека и оваа вечер ќе биде запаметена, како во мојата глава, така и во сеќавањата на публиката“, рече албанската оперска пејачка на денешниот прес.

Мула (55) по четврти пат гостува во Македонија, по настапите на Охридско лето во 2008 и на Мајските оперски вечери во 2014 година. Лани настапи во Центарот за култура во Тетово, на концертот посветен на Аки Нуредини, сопственик на познатиот ресторан „Соле“ во Виена, родум од тетовското село Камењане.

Д. ЧУБРИЌ