НАЈСТАРАТА ВИСЕЧКА ЖЕЛЕЗНИЦА НА СВЕТОТ Е ГОРДОСТ НА ГЕРМАНСКИОТ ГРАД ВУПЕРТАЛ

Вупертал, (Гардијан)

Најстарата електрична висечка железница на светот утрово повторно беше пуштена во промет во германскиот град Вупертал по девет месеци поправка, на голема радост на локалните жители.

„Жителите на Вупертал најмногу сакаат да се возат со својата висечка железница. Таа не само што е значајна како вид транспорт, туку е и обележје на градот“, изјави градоначалникот Андреас Муке.

(Фото: Гети)

Швебебан, 120 години старата железница, дневно превезува 85.000 патници во градот со 350.000 жители. Таа беше затворена во ноември по целата своја должина од 13,3 километри, што беше најдолг прекин во нејзината работа во историјата. Во најголемиот дел, таа поминува долж реката Вупер, која се наоѓа 12 метри под вагоните. На својата маршрута има 20 станици, а дневна карта чини 7,10 евра.