СТУДИОТО „ЗАХА ХАДИД“ ЌЕ ЈА ПРОЕКТИРА МРЕЖАТА НА СУПЕРБРЗИОТ ПРЕВОЗ ХИПЕРЛУП НИЗ ИТАЛИЈА

Рим, (Дезин)

Лондонското архитектонско студио „Заха Хадид“ потпиша договор за развој на супербрзиот транспортен систем хиперлуп во Италија.

Хиперлуп е футуристички систем на транспорт кој ги превезува патниците во капсули, што со голема брзина се движат на електромагнетски погон низ вакуумски цевки.

Студиото објави дека ќе соработува со „Хиперлуп Италија“ за да ја дизајнира планираната мрежа на хиперлуп низ земјата.

Оваа соработка ќе значи спојување на трансформативната архитектура, инженерството и урбаното планирање со најефикасниот и најодржлив начин на превоз, со цел значително да се подобрат пристапноста, поврзаноста и добросостојбата на нашите градови“, изјави директорот на „Заха Хадид“, Патрик Шумахер.

Хиперлуп како идеја првпат беше предложен од Илон Маск во 2012, а „Вирџин“ во ноември минатата година го изведе првото пробно патување со патници. Технологијата сега ја развиваат повеќе компании.

Хиперлуп Италија“ моментално развива студија за планираната линија од Милано до аеродромот „Малпенса“, што би го скратило патувањето од 43 на десет минути. Мрежата низ Италија би се снабдувала со енергија исклучиво од обновливи извори.