Новоотворената кула „Робинсон“ во централната деловна област на Сингапур може да збуни на прв поглед: горниот дел со 20 спратови изгледа како да лебди над долниот дел, со градина меѓу нив.
Одговорајќи на стандардите на таканаречениот одржлив урбанизам, кулата е дизајнирана согласно градската политика која од инвеститорите бара да вклучат јавно достапни зелени простори во своите објекти, еднакви на површината на одземеното зеленило. Градските власти ја воведоа оваа политика во 2014 година.
„Фасадата на зградата на различни начини ги дематеријализира и рефлектира сонцето и небото. Кулата со својот карактеристичен аголен покрив како да се надоврзува на историскиот пазар Лау Па Сат, што се наоѓа во нејзина близина“, се вели во соопштението на архитектонското студио КПФ од Њујорк, што ја проектираше зградата од 24.000 квадратни метри.
Како два одделни ентитета, во горниот дел се наоѓаат деловни простории со совршен поглед на пристаништето, а во долниот има продавници сместени среде уште една градина.