Актерот Кевин Спејси се појави на јавен настан првпат после две години, откако беа поднесени обвиненија против него за сексуални напади.
Спејси во Рим ја читаше поемата „Боксерот“ од Габриел Тинти, за боксер кој жали за загубата на славната кариера.
Поемата содржи стихови како: „Колку повеќе си ранет, толку стануваш поголем. Ме користеа за нивна забава, се хранеа со раскошни работи. Животот заврши за момент“.
„Голема чест е за мене Кевин Спејси да ми ја чита поезијата. Рим те обожава“, рече Тинти.
Настапот во палатата Масимо але Терме дојде за помалку од три недели откако судот во САД ги офрли обвинувањата против Спејси за сексуален напад.
Лондонската полиција сѐ уште работи на истрага на шест обвиненија за сексуални напади во Велика Британија помеѓу 1996 и 2013.