ФРАНЦУСКИ МУЗИЧАРИ И ПЕРФОРМАНС СО ПОЕЗИЈА НА БЛАЖЕ КОНЕСКИ ВЕЧЕРВА НА ОХРИДСКО ЛЕТО

Охрид, (СМАРТ.СДК.МК)

Концерт на француски музичари и перформанс со поезијата на Блаже Конески ќе има вечерва на Охридско лето.
Во 20 часот во црквата „Св. Софија“, концерт ќе одржат Жо Кристоф, на клариниет и Вансан Мусат, на пијано. „Кристоф ужива во различноста на музичките жанрови, па изведува џез, современа музика, ориентална и клецмер музика со октетот ‘Сирба’ кој е познат ансамбл за еврејска музика.  Мусат, пак, како камерен музичар често настапува со музичарите од операта во Ница. Годинава беше номиниран за наградата Откритие на класичната музика од АДАМИ организацијата на уметници“, најавува фестивалот.

Во 22 часот во предворјето на „Св.Софија“ актерот Љупчо Тодорвски-Упа ќе донесе сценски приказ на поезијата на Блаже Конески преку проектот „Парче душа“

„Блаже е нераскинлив дел од мене и мојот живот. И моето творештво. Толку стана мој како да ми е отсекогаш.Секогаш кога не ќе сум можел да се изразам себе си – сум го говорел него. Го мислам и ќе го имам до – секогаш. Како дел од мене. Затоа што како и секој гениј, неговото дело го доживуваме како да се однесува за нас лично.Тој е еден од најголемите и најмоќните поети на сите времиња“, рече Тодоровски-Упа.