„ДЕСЕТ ЛЕТА МАКЕДОКС“ – ФЕСТИВАЛОТ НА КРЕАТИВЕН ДОКУМЕНТАРЕЦ НОСИ 70 ФИЛМОВИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Десет македонски документарни филмови се дел од програмата на јубилејниот 10. Фестивал на креативен документарен филм МакеДокс. Фестивалот ќе се одржува од 21 до 28 август во Куршумли ан, кината Милениум и Фросина,  ќе се прикажат 70 наслови, а се очекуваат стотина гости автори.

Во делот на македонски документарци ќе биде прикажан „Тетовски самрак“, последниот филм на прерано починатата режисерка Билјана Гарванлиева (1973-2016), кој го доврши нејзиниот сопруг Мануел Цимер. Во програмата на кратки документарци своја премиера ќе има „Господата од Современа“ на режисерката Ана Алексовска. Најавена е и проекцијата на „По патот на клавето“ во режија на Лидија Мојсовска, филм кој произлезе од соработката на МакеДокс со танчерите од „Далас блек денс театар“.

Филм за отворање на фестивалот е „И сѐ стана песна“ (Ирска, Велика Британија/ 2019/ 92 мин.) на режисерот Шејмус Марфи. По филмот ќе се одржи концерт на Џон Периш и Марта Колика со Џорџа Поли, како специјална гостинка.

„Круна на македонската програма ќе биде премиерната проекција за публика на документарниот филм ‘Медена земја’ на режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска. По светската премиера во јануари, на 38. Фестивал на независни филмови Санденс филмот ги освои трите главни награди, а со фантастичен успех е прикажан и на повеќе светски фестивали. Филмот ќе биде прикажан на затворањето на фестивалот, ќе има две проекции на 28 август, а по проекцијата во Куршумли-ан ќе следува концерт на групата ‘Фолтин’“, најави денес на прес-конференцијата Петрула Вељановска од МакеДокс.

Фестивалот ќе се одвива под мотото „Десет лета МакеДокс“, а Земја во фокус е Германија. Билетите можат да се набават онлајн на „Купи карти за сѐ“ и на влезот на Куршумли ан. Фестивалскиот билет, кој ги опфаќа сите филмски проекции и настани на фестивалот, чини 1.600 денари.