Хотелите на Дубаи се меѓу најлуксузните и најекстравагантни на светот, но емиратот повторно ќе успее да се надмине.
Хотелот „Опус“, дизајниран од студиото „Заха Хадид архитектс“, е речиси подготвен за отворање.
Сместен во областа Бурџ Халифа, во близина на највисоката зграда на светот, 100 метри високиот „Опус“ е единствената зграда во Дубаи чии внатрешност и надворешност се дизајнирани од Хадид, која почина во 2016 година. Таа првпат ги претстави дизајните во 2007 година и хотелот првично требаше да биде комплетиран во 2018, но неговото отворање сега е поместено за следната година.
Зградата од 20 спратови ќе содржи 12 ресторани и панорамски бар, но нејзината главна карактеристика е што наликува на скулптура. Двете кули формираат коцка со издлабена внатрешност и тие во подножјето се поврзани со атриум на четири ката, а на 71 метар височина и со асиметричен мост, широк 38 метри.
„Дизајнот на зградата ја отсликува извонредната инвентивност на студиото. Тој изразува скулпторски сензибилитет што создава нова рамнотежа помеѓу цврстото и празното, проѕирното и непроѕирното, внатрешноста и надворешноста“, вели Махди Амџад, извршниот директор на „Омнијат“, кој е носител на проектот.