СЕКОЈА ГОДИНА СЕ УБИВААТ 100 МИЛИОНИ АЈКУЛИ И ДРЖАВИТЕ СЕГА РЕШИЈА ДА ГИ ЗАШТИТАТ

Лондон, (Би-Би-Си)

Повеќе од 100 држави потпишаа договор со кој 18 загрозени видови ајкули и раи треба да бидат дополнително заштитени, откако се зголемил ловот по нивните месо и перки.

Зголемената побарувачка по супа од перки на ајкула е еден од главните фактори што довел до намалувањето на нивниот број. Се проценува дека секоја година од комерцијални причини се убиваат околу 100 милиони ајкули, при што распонот се движи меѓу 63 и 273 милиони.

Мако ајкулата, најбрзиот вид на ова животно, речиси целосно исчезна од Медитеранот, а нивниот број значително се намали и во Атлантикот, Северниот Пацифик и во Индискиот Океан.

Иако 102 држави гласаа за оваа одлука, Кина, Исланд, Јапонија, Малезија и Нов Зеланд се меѓу 40 земји кои беа против.

„Мако ајкулата е високо ценета поради нејзините месо и перки. Неколку децении неограничен претеран лов доведоа до значително намалување на нејзината популација“, вели Али Худ, директорот на „Шарк траст“.

Исушени перки од ајкула се продаваат по цена од 1.000 долари за килограм и супа од перките има повеќевековна традиција во кинеската кујна.