Во Велес по вторпат се одржа Стрип колонија, со учество на 16 цртачи од шест земји, дел уметници со искуство, дел почетници. Авторите беа од Хрватска, Словенија, Грција, Финска и од Македонија.

„Секој автор беше обврзан да нацрта по четири табли, кои остануваат во сопственост на Стрип центарот и ќе бидат изложени на Стрип салонот. Целта на колонијата е на нашите почетници да им презентираме дел од работата на искусните автори од Европа, но и да ги афирмираме нашите автори“, рече Ване Трајков, претседател на Стрип центарот, кој е организатор на колонијата.

Се работеше на слободни теми, секој автор црташе свои херои и теми. Тие беа под менторство на српскиот цртач Владимир Весовиќ, раководител на познатата белградска стрип школа „Ѓорѓе Лобачев“.

„Имаме повеќе млади учесници, почетници, што е добро за колонијата. Им помагаме да го најдат патот по кој ќе творат, да ги упатиме во уметноста. Искусните стрип цртачи разменуваат мислења, искуства, кој што работи, каде работи“, вели Весовиќ.

Меѓу учесниците беа и тројца стрип цртачи кои живеат од оваа уметност. Тие доаѓаат од Словенија, Хрватска и Финска и првпат се во Македонија. Престојувале на стрип фестивали и салони, но не и на стрип колонија.

„Има многу стрип фестивали во државите на поранешна Југославија, но оваа колонија е новина. Ми се допадна, се работи со многу ентузијазам и љубов. Разменуваме искуства со колегите“, вели Исток Ситар од Словенија, кој своите стрипови ги објавувал во словенечките медиуми, како весниците „Дело“ и „Дневник“, иако за нив денес има сѐ помалку простор.

П. ПЕЧКОВ